Државниот завод за статистика (ДЗС), денеска, преку соопштение, ги негира наводите објавени на социјалните мрежи и во некои медиуми, дека апликацијата за попишување на иселениците е пробиена, оценувајќи ги ваквите информации како неточни и деструктивни. Реакцијата доаѓа по објавата на програмерка од Македонија која тврди дека со користење на ВПН адреса, од Македонија ја пополнила апликацијата за попис која може да се отвори само од странство.
„Во врска со внесувањето на податоци преку VPN, односно прикриена IP адреса, самото користење на таква алатка за внес на податоци во Пописот се смета за спротивно на Законот за Попис и Методологијата за подготовка, организирање и спроведување на Пописот 2021, и може да подлежи на санкции, од причина што претставува лажно претставување и лажно давање податоци. Секој податок за кој ќе се утврди дека е лажен, нема да биде земен предвид при обработката и воедно тоа ќе претставува кршење на правилата на Пописот и е казниво со Закон“, се наведува во соопштението од Статистика.
Од Заводот нагласуваат дека согласно Законот за Попис на населението, „тој што ќе уништи, прикрие, оштети, преправи или на друг начин ќе стори да бидат неупотребливи внесените податоци на пописната апликација, ќе се казни со казна затвор од најмалку три години“.
„При внесот на адресата, освен улица, не е задолжително полето број и стан, бидејќи во некои населени места – села не постои улица, број и стан.
Во врска со јавното објавување на лични податоци во медиумите и на социјалните мрежи, сметаме дека е повреда на личните права заштитени со Законот за заштита на лични податоци, за што Агенцијата треба да постапува“, соопшти Статистика.