Над 300 номинации за Нобелова награда за мир

Илустрација

За овогодинешната Нобеловата награда за мир пристигнале 329 номинации од кои 234 се лица, а 95 се организации. Организацијата со седиште во Осло соопшти дека тоа е трет најголем број кандидати досега. Рекордот од 376 кандидати беше постигнат во 2016 година.

„Тоа одразува голем меѓународен интерес за Нобеловата награда за мир. Веројатно, исто така, тоа одразува дека има голем број нерешени конфликти, војни и проблеми со човековите права низ целиот свет“, рече секретарот на Нобеловиот комитет на Норвешка, Олав Нјоелштад.

Комитетот не открива кој е номиниран. Но, оние кои ги поднеле номинациите, кои се движат од политичари до поранешни победници, ако сакаат може да ги откријат.

Меѓу номинираните во 2021 година се наоѓаат рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, белорускиот опозициски лидер Свјатлана Циханускаја, шведската активистка Грета Тунберг и активистот за права во САД, Стејси Абрамс. На списокот се наоѓа и поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, неговиот зет, Џаред Кушнер и заменикот на Кушнер во Белата куќа, Ави Берковиц за нивните улоги во договорот за посредување за нормализирање на односите меѓу Израел и неколку арапски земји.

Номинираните организации ги вклучуваат Светска здравствена организација, Меѓународна мрежа за проверка на фактите, како и Репортери без граници и Комитетот за заштита на новинарите. Лауреатот за 2021 година ќе биде објавен во октомври. Лани наградата ја доби Светската програма за храна.