Експерти на ОН бараат меѓународна истрага за Навални

Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални

Експерти за човекови права на ОН побараа меѓународна истрага за труењето на критичарот на Кремљ, Алексеј Навални, велејќи дека доказите укажуваат на „многу веројатната вмешаност“ на претставници на руската влада.

Во заедничката изјава Агнес Каламард, специјален известувач на ОН за вонсудски и произволни егзекуции и Ајрин Кан, специјален известувач за слобода на мислење и изразување, побараа итно ослободување на Навални од затвор.

„Со оглед на несоодветниот одговор на домашните власти, употребата на забрането хемиско оружје и очигледна шема на обиди за убиства, сметаме дека треба итно да се спроведе меѓународна истрага за да се утврдат фактите и да се разјаснат сите околностите во врска со труењето на Навални “, рекоа тие.

44-годишниот Навални, најголемиот критичар на рускиот претседател Владимир Путин, беше уапсен на 17 јануари откако се врати во Русија од Германија каде се лекуваше од труење со нервен агенс. Навални изјави дека неговото труење е нарачано од Путин, што беше негирано од Кремљ.