Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски денеска изјави дека по пописот најважно е да има доволно точни, навремени и квалитетни информации, што ќе придонесе за развој и во моментот најмалку се размислува за санкции.
„Најголемата санкција за сите нас е да немаме доволен фонд на информации, еве 20 години речиси немаме попис поголема санкција од тоа има ли за сите нас. Значи јас ги охрабрувам не е проблемот некој да се казни, проблемот е да ги собереме податоците, бидејќи тие се потреби за сите граѓани во оваа држава, ако сакаме развој на оваа земја, а тој развој се прави исклучиво ако имате информации, денеска најскапата работа во светот е информацијата, навремена, точна и квалитетна информација. Ако сакаме квалитетни информации, а врз основа на тоа и квалитетен развој треба сите да учествуваме во пописот и да се попишеме. Последната работа на којашто јас размислувам во овој момент се санкциите“, рече Симовски, кој со министерот за правда Бојан Маричиќ и директорот на Управата за извршување санкции Марјан Спасовски, ја посетија Казнено-поправната установа Куманово во К’шање, каде што почна пописот на осудените лица.
Според него, има два типа санкции. Оние кои одбиваат или ќе дадат погрешни податоци, како што наведе тој, ќе се казнат парично од 200 до 300 евра , а оние кои учествуваат во операцијата и ги злоупотребат податоците ќе одговараат кривично, што е прецизно утврдено со Законот за попис.
„Јас се надевам дека никој нема да има потреба да подлежи на овие санкции, туку дека сите ќе сфатиме дека оваа операција е во интерес на нас, на граѓаните на оваа држава и дека ќе ја поддржиме и максимално ќе бидеме сериозни во тој дел“, рече Симовски.
Тој додаде дека нема проблеми со апликацијата и иселениците можат да се попишуваат. Симовски информираше и дека вчера завршил и рокот за теренските попишувачи на кои се пријавиле осум илјади лица.