Реакции за изјавата на Коцарев за Катедрата по македонски јазик, тој вели - тоа е мој став

Претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев

Претседателот на Македонската академија на науки и уметности (МАНУ), Љупчо Коцарев, по денешните реакции на неговата вчерашна изјава за укинување на Катедрата за македонски јазик, денеска изјави дека изнесените мислења биле само негов личен став и дека му е драго дека „немало намери за такво нешто“.

Неговата денешна изјава следува по писмото од Катедрата за македонски јазик при скопскиот Филилошки факултет во која се вели дека станува збор за „целосни невистини и манипулации дека на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ не постои и никогаш не постоела идеја за укинување на катедрите за македонски јазик и за македонска книжевност“.

На изјавата на Коцарев денеска реагираше и премиерот Зоран Заев, кој рече дека „не само што не му паѓа на памет на некој да ја укине катедрата за македонски јазик туку и се користи 100 годишнината на Блаже Конески за дополнителна афирмација на македонскиот јазик“.

Претходно, рaководителката на Катедрата за македонски јазик, Искра Пановска-Димкова, на социјалните мрежи напиша: „Во однос на тврдењата за укинување на Катедрата за македонски јазик, изнесени по медиумите од страна на претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, сакам да укажам дека станува збор за чисти измислици“.

Вчера претседателот на МАНУ изјави: „Пораката што се праќа со укинувањето на двете македонски катедри и дома и надвор е јасна. Тоа ќе предизвика, што го знаат подобро поупатените од мене, лавина непопуларни реакции во светот по однос на македонистиката, што ќе резултира во гаснење на многу катедри/отсеци ширум светот каде што се учат македонскиот јазик и книжевност. Не верувам дека овие зборови ќе допрат до некого, но јас сакам да ги изречам“.