Сајкоски: Имаме 100.000 потписи против „политички попис“

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски

ВМРО-ДПМНЕ заедно со граѓаните за само 8 дена собра 100.000 потписи против политички попис во Македонија, соопшти денеска генералниот секретар на партијата, Ѓорѓија Сајкоски.

„И покрај бројните опструкции од власта, само 24 часа во 8 дена 100.000 граѓани го дадоа својот потпис за вистински и европски попис, спротивен на оној кој сака да го организира власта на насилен начин, со политичка цел. Граѓаните одлучија, не сакаат политички попис, сакаат попис како статистичка операција, што точно ќе може да ја насочи Република Македонија во која насока да се развива“, изјави Сајкоски на денешната партиска прес-конференција.

Сега, како што рече Сајкоски, ВМРО-ДПМНЕ преку своите 44 пратеници, поддржана од над 100.000 граѓани, ќе поднесе пратеничка иницијатива за поништување на законот за попис.

Пописот на населението почна денеска со првата фаза во која се попишува дијаспората, изелениците, бездомниците и затворениците. Во Македонија пописот е закажан за во април. Опозицијата тврди дека власта сака да направи политичка наместо статистичка операција и затоа бара поништување на новодонесениот закон за попис. Власта, пак, тврди дека се е според правилата на Евростат и според методологијата на Европската унија.