Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека очекува овие денови да има информација од Кина кога ќе почне утоварот на вакцините за Македонија и објаснуваше зошто е повлечен авансот за вакцините од Синофарм. Според него, никаде во светот никој не може со точност да каже кога кој тип на вакцина ќе пристигне, а за авансот за кинеските вакцини рече дека е повлечен затоа што се чекала потврда од Министерството за надворешни работи на Кина.
„Авансот е пуштен како дел од процедурата. Парите се тука, на истата сметка на Министерството за здравство. Денеска очекувам позитивна информација за постапката што е започната. Денови се во прашање кога ќе може да се потврди утовар за да дојдат вакцините во Северна Македонија“, изјави Заев, одговарајќи на новинарски прашања по промовирањето на проектот за реконструкција на Универзалната сала во Скопје.
Заев додаде дека има и втора постапка за набавка на уште 200 илјади дози од кинеската вакцина, а, како што соопшти, формализирани се и документите за набавка на руската вакцина „Спутник“.
Во Македонија до сега се вакцинираат само здравствените работници кои се во првите редови во борбата со пандемијата, а кои примаат вакцини од Фајзер, кои Србија ѝ ги отстапи на Македонија по набавна цена.