Министерството за здравство го повлекло авансот што бил уплатен за набавка на вакцини од кинескиот производител „Синофарм“. Но, како што велат оттаму, договорот за набавката не е откажан. Во изјава за новинската агенција МИА од Министерството за здравство велат дека уплатата била повлечена на барање на кинеската страна поради усогласување на документацијата.
„Авансната уплата која Министерството за здравство ја изврши за набавка на вакцината „Синофарм“, по барање на кинеското Министерство за надворешни работи беше повлечена заради усогласување на документација, на нашето МНР и МНР на НР Кина. Разговорите се во заврша фаза, не станува збор за откажување на договорот, вакцините против Ковид 19 од производителот „Синофарм“ во најкус можен рок ќе стигнат во нашата земја,“ наведуваат од Министерството за здравство.
Власта не знае кога ќе стигнат вакцините, опозицијата обвинува вратен бил авансот
На ова од ВМРО-ДПМНЕ со писмено соопштение посочија дека нивните информации биле точни.
„Филипче и покрај тоа што ги потврди тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ продолжува со своите лаги. Филипче вели разговорите се во завршна фаза, не станува збор за откажување на договорот, вакцините против Ковид 19 од производителот Синофарм во најкус можен рок ќе стигнат во нашата земја. Но, кој е најкусиот можен рок никој не знае, не знае ни самиот Филипче,“ се вели во писменото соопштение.
Според досегашните најави на Министерството за здравство од кинескиот производител во земјава треба да пристигнат 200 илјади вакцини. Покрај најавените 833 илјади вакцини кои се очекува да пристигнат преку системот Ковакс, во тек се разговори за набавка и на 100 илјади дози од руската Спутник V, како и вакцини од Фајзер.