Истрагата во овој дел за случајот со Сашо Мијалков мора да покаже за тоа каде е пропустот, во кој дел од системот и системот да се консолидира за да не ни се повторуваат вакви настани во иднина. Истрагата мора да покаже дали некој помогнал и кој е тој и да се види каде е проблемот во целокупниот систем на функционирање, за да бидеме осигурани дека правдата ќе биде задоволена. Ова вечерва го изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во емисијата Трилинг на ТВ 24.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Министерот на прашањето дали странски служби и дел од пријателски и влијателни амбасади биле вклучени и помогнале во пронаоѓањето на Мијалков, рече дека институциите на системот во РС Македонија функционираа координирано и заеднички со цел да биде обезбеден и изведен пред правдата. За тоа, пак, дали е категоричен дека не пребегал во Белград, како што тврдат од ВМРО-ДПМНЕ, Спасовски рече „апсолутно не“, нагласувајќи дека Мијалков бил во Македонија.
Поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање Мијалков денеска е осуден на 12 години казна затвор за масовното нелегално прислушување од 2008 до 2008 година. Тој од неговиот дом во скопската населба Водно со полициска придружба беше спроведен во истражниот затвор во Шуто Оризари каде што ќе биде во затворски притвор.
Претходно неделава Мијалков два дена исчезна па службите не можеа да го пронајдат по што беше распишана домашна и меѓународна потерница. Во вторникот попладнето тој сам се пријави во обвинителството и кажа дека имал температура и бил во самоизолација поради симптоми на коронавирусот по што му беше дадено решение за домашен притвор.