Заев по пресудата за Мијалков: Времето на неказнивост помина

Премиерот Зоран Заев

Тоа е начинот на кој треба да бидат спроведени и довршени сите предмети за организиран криминал и против Уставот и достоинството на граѓаните.
Времето на неказнивост и на привилегии на криминалните актери го оставаме во историјата, напиша премиерот Зоран Заев на фејсбук, по денешното изрекување на пресудите во предметот за незаконското прислушување „Таргет-Тврдина“.

Кривичниот суд денеска првостепено ги осуди поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, на 12 години затвор, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на 4 години затвор, високиот поранешен функционер во УБК, сега во бегство, Горан Грујевски на 15 години затвор, Надица Николиќ, поранешна началничка во Министерството за внатрешни работи на 3 години, поранешниот шеф на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски на 6 години и поранешниот висок службеник на УБК, сега во бегство, Никола Бошковски, на 15 години затвор.

Видео од изрекувањето на пресудите во предметот „Таргет-Тврдина“

„Го ослободивме патот по кој денес дојде правдата. Граѓаните, државата, институциите и системот – тоа сме ние. Сите ние, секој од нас денес може да има повеќе мир за себе, во себе. Бидејќи, кога има правда има и мир!“, напиша Заев на фејсбук.