Обвинителката Лечне Ристоска, по денешното изрекување на пресудите за предметот „Таргет-Тврдина“, побара затворски притвор за Сашо Мијалков.
„Мерката куќен притвор за Сашо Мијалков не е доволна за обезбедување, при што предлагаме да му биде одредена мерка ефективен притвор“, рече обвинителката Ристоска и додаде дека „Министерството за внатрешни работи (МВР) нема технички можност за 24 часовен мониторинг за Мијалков, и затоа бара ефективен притвор“.
„Најнапред во текот на вчерашниот ден обезбедени се известувања од МВР, согласно кои известувања, МВР не поседува технички можности (опрема) за 24 часовен видео и електронски надзор на почитување на меркета притвор, што е еден од сегментите на самото решение за куќен притвор. Исто така има регистрирано адреса во Прага, каде има и возила на негово име, а особено предлагам да се цени фактот дека бил, истакнувам, претходно од Обвинителството, дека се работи за човек кој е добро ситуиран, поседува приватни бизниси, исто како и членовите на неговото семејство, и сето тоа му дава на располагање финансиски можности да организира логистика и може да живее во бегство комотно“, рече Ристоска, која предложи ефективен притвор и за Тони Јакимовски.
Љупчо Шврговски, еден од адвокатите на Мијалков, реагираше на барањето на Ристоска.
„Дали 24 часовен надзор преку физичко обезбедување, а не со електронска алка, остава сомнеж дека Мијалков може да остане недостапен за органите на прогонот? Секако дека не може“, рече адвокатот Љупчо Шврговски откако Обвинителството побара затворски притвор за Мијалков.
Видео од изрекувањето на пресудите за „Таргет-Тврдина“
Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, денеска беше осуден на 12 години затвор во предметот „Таргет-Тврдина“, кој се однесува на масовното незаконско прислушување на над 20.000 граѓани. Во истиот предмет осудени се и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска - на 4 години затвор, високиот поранешен функционер во УБК, сега во бегство, Горан Грујевски, на 15 години затвор, Надица Николиќ, поранешна началничка во Министерството за внатрешни работи - 3 години, поранешниот шеф на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски на 6 години и поранешниот висок службеник на УБК, сега во бегство, Никола Бошковски, на 15 години затвор.
Пресудата е првостепена и сите имаат право на жалба до Апелацискиот суд.