Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, денеска беше осуден на 12 години затвор во предметот „Таргет-Тврдина“, кој се однесува на масовното незаконско прислушување на над 20.000 граѓани. Во истиот предмет осудени се и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска - на 4 години затвор, високиот поранешен функционер во УБК, сега во бегство, Горан Грујевски, на 15 години затвор, Надица Николиќ, поранешна началничка во Министерството за внатрешни работи - 3 години, поранешниот шеф на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски на 6 години и поранешниот висок службеник на УБК, сега во бегство, Никола Бошковски, на 15 години затвор.
Маријан Шумуликовски доби две години условна казна, Силвана Златкова две години условна казна, Васил Исаковски две години условна казна и Валентина Симоновска е осудена на условна казна.
Пресудата за „Таргет-Тврдина“ е првостепена, а странките имаат право на жалба до Апелацискиот суд.
Видео од изрекувањето на пресудите во предметот „Таргет-Тврдина“, 26 февруари 2021
Според изречената пресуда, „Горан Грујевски е соуден за кривичните дела „злосторничко здружување“ , „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „фалсификување службена исправа“, Тони Јакимовски за „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „фалсификување службена исправа“, Гордана Јанкулоска за „злоупотреба на службената положба и овластување“, Никола Бошковски за „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „фалсификување службена исправа“ и Сашо Мијалков за „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „примање награда за противзаконито влијание“.
Во овој предмет беа обвинети 12 луѓе. Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби, а 1.541 број продолжиле да бидат следени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.
Мијалков беше однесен во домашен притвор, откако претходно неделава исчезна, па се појави по два дена за да си го зеде од Обвинителство решението за домашен притвор. За него Обвинителството бара казна од 13 години во затвор. Јанкулоска е во затвор за друго дело произлезено од прислушуваните разговори, а Горан Грујевски е во бегство.
Процесот го водеше судијката Џенета Бегтовиќ, а застапници на обвинението беа обвинителите Ленче Ристоска и Трајче Пеливанов.