Ковакс:БиХ е виновна што не ја доби ветената количина вакцини од Фајзер

БиХ е виновна што не ја доби ветената количина вакцини од компанијата Фајзер бидејќи не ги исполнила посебните барања на американскиот производител, се вели во соопштението од иницијативата на Светската здравствена организација. Преку механизмот Ковакс БиХ требаше да добие 24 400 дози од вакцините на Фајзер до крајот на месецов. Но, како што е наведено во писмото до босанското министерство за цивилни работи, тоа нема да се случи ниту во март, затоа што не се исполнети условите за чување на вакцините, односно не обезбедила складишта со ниска температура, како и неисполнетите обврски од правен и административен карактер.

„По неколку разговори со Фајзер во последните три недели, со жалење ве известуваме дека испораката на овие дози, кои требаше да бидат доставени во првиот квартал од оваа година, ќе се одложи до исполнувањето на дополнителни барања на Фајзер за длабинска анализа “, се вели во писмото.

Од друга страна, Министерството за цивилни работи на БиХ инсистира на тоа дека ги исполниле сите свои обврски. Босна и Херцеговина очекуваше 1,23 милиони вакцини преку програмата Ковакс, што е доволно за околу 20 проценти од нејзиното население.