Претепан косовски истражувачки новинар

Познат косовски истражувачки новинар Висар Дуриќи бил претепан од тројца маскирани напаѓачи пред неговиот дом. Тој во изјава за косовскиот сервис на РСЕ изјави дека од нападот „заработил“ четири скршени заба, скршен нос и повреди во горниот дел од телото.

„Откако го паркирав автомобилот пред зградата во која живеам, прво бев нападнат од еден маж на кој му се придружија уште двајца други маскирани. Ме повлекоа на страна каде што нема надзор од камерата. Тоа значи дека добро го знаеле местото каде што сакале да го извршат нападот и при тоа да нема камери“ изјави Дуриќи.

Дуриќи додаде дека не ја знае причината за нападот. Косовската полиција соопшти дека отворила истрага за случајот.

Станува збор за новинар во порталот Инсајдер во кој честопати пишува за чувствителни теми како корупција, организиран криминал и верските групи во Косово.

Канцеларијата на ЕУ во Косово преку објава на Твитер посочи дека е „длабоко вознемирена“ од нападот врз Дуриќи и ги повика властите што е можно побрзо да го испитаат инцидентот.