Кинеските вакцини нема да пристигнат во најавениот рок до крајот на месецов. Министерот за здравство Венко Филипче одговарајќи на новинарско прашање посочи дека набавката на 200 илјади вакцини од Кина ќе доцни и дека во моментов нема точна информација кога би пристигнале во земјава.
„Се работи за нешто што секојдневно произлегува од комуникацијата, но ние сме постојано во контакт и водиме интензивни разговори со претставниците на компаниите. Се надевам дека следните денови ќе имаме и конкретни датуми, но засега остануваме само со тие интензивни разговори со компаниите“ изјави Филипче.
Во меѓувреме во земјава се забележува пораст на новозаболените од коронавирусот. Во текот на вчерашниот ден беа евидентирани над 700 новозаболени. Министерот Филипче вели дека порастот главно се должи на британскиот сој. Тој додаде дека засега нема место за паника и дека има доволно слободни места во болниците, и дека не се исклучува можноста за воведување на нови заштитни мерки доколку дојде до влошување на епидемиолошката состојба.