Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО), денеска, до Основниот кривичен суд – Скопје, достави Обвинителен акт против три лица од Куманово кои ги товари за тероризам.
„На обвинетиот Б.А (28), му се става на товар дека сторил кривично дело – Терористичка организација и кривично дело – Тероризам, додека обвинетите В.А. (22) и Е.Љ. (26) сториле кривично дело Терористичка организација и кривично дело – Тероризам“, соопшти ОЈО.
Станува збор за приведените лица од акцијата на Министерството за внатрешни работи (МВР), Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција од лани во септември, кога полицијата информираше дека е разбиена „тричлена терористичка група која дејствувала на територија на Македонија“.
Според соопштението од Обвинителството, „во почетокот на 2019 година, обвинетиот Б.А., создал злосторничка организација – терористичка организација „ќелија“, со основи на идеолошка матрица на познатата терористичка организација ИСИС“.
„Прифаќајќи го криминалниот план на злосторничката организација – терористичка група „ќелија“ припадници станале обвинетите В.А.и Е.Љ., како и осумтемина осомничени за кои се спроведува истражна постапка од 28 декември лани. Во терористичката група „ќелија“ постоела координација и заедничко делување, со намера загрозување на животот и телото и создавање чувство на несигурност и страв кај граѓаните. Секој член имал конкретни задачи и тоа: обвинетиот А.Б. како организатор обезбедувал финансиски средства за остварување на целите на злосторничката организација, го договарал и организирал набавувањето – купувањето на оружјето, муниција и воената опрема, организирал вежбовни активности поврзани со употреба на огнено оружје и експлозивни направи, организирал средби на кои се прикажувале видеа со радикална содржина, како и начинот на изработка на експлозивни направи“, се вели во соопштението на Обвинителтвото.
Обвинетите В.А.и Е.Љ., како што велат од ОЈО, како припадници на злосторничка организација – терористичка група „ќелија“ добивале конкретни задачи од обвинетиот А.Б., обезбедувале логистичка поддршка и имале задача да обезбедат простории односно објект, во кој ќе го држат оружјето, муницијата и воената опрема.
„Воедно изработувале импровизирани експлозивни направи, обезбедиле патничко моторно возило со кое ќе се пренесува оружјето и учествувале во неговото пренесување и прикривање, а собирале и информации за движење и вршеле опсервирање на објекти и локации“, се вели во соопштението од Обвинителството.
Видете и ова: Две полициски акции за четири месеци - дали Македонија е „погодна“ за терористи?„Обвинетите, дејствувајќи по однапред направениот план, со намера да извршат едно или повеќе дела на убиство, телесно повредување, уништување на јавни објекти, објекти на инфраструктура и објекти во општа употреба на територија на земјава, од почетокот на 2019 година се подготвувале, купиле, пренесувале и држеле експлозив, огнено оружје, муниција, гранати, бомби и воената опрема. Притоа изработувале импровизирани експлозивни направи и во два наврати од крајот на месец април до средината на месец август 2020 година, со намера да го испробаат разорното дејство на изработените експлозивни направи, ги употребиле во напуштен објект кај Куманово. Како дел од обуката за користење на ракетен фрлач - зоља и другото автоматско оружје, обвинетите од засега непознато лице набавиле ракетен фрлач – зоља и вршеле пробно испалување, како и пукање со автоматска пушка во близина на местото Менкова Колиба во близина на Куманово“, соопшти Обвинителството.
Поради опасност од бегство, оправдан страв дека ќе ги повторат кривичните дела, односно ќе бидат во можност да извршат кривични дела убиство, телесно повредување, изведување на терористички акти...Обвинителството доставило и посебен предлог за продолжување на мерката притвор определена од судијата на претходна постапка.