Германските обвинители денеска соопштија дека поднеле обвиненија за шпионажа против Германец, осомничен за пренесување податоци од Парламентот на руските тајни служби. Осомничениот, именуван само како Јенс Ф., работел за компанија што била договорена од Бундестагот за редовно вршење проверки на електричната опрема во парламентот, јави АФП.
„Наспроти ова, обвинетиот имаше пристап до ПДФ-датотеки со плановите за парламентарните дејности“, изјавија федералните обвинители.
Се верува дека осомничениот одлучил некаде летото 2017 година да ги пренесе информациите на руските тајни служби.
„За тоа, тој подготви носач на податоци со соодветните ПДФ-датотеки и го испрати на вработен во руската амбасада во Берлин, кој главно работи за руската воена тајна служба ГРУ“, рекоа обвинителите, пренесе АФП.
Германските разузнавачки служби постојано предупредуваат за обиди за шпионирање или сајбер напади што ги започнале руски хакери. Самата канцеларка Ангела Меркел минатиот мај пред Парламентот изјави дека има конкретен доказ дека таа била директна мета на Русија.