Индија и Пакистан договорија примирје во Кашмир

Илустрација - Колона возила на индиската армија во „индискиот дел“ од Кашмир

Индиската и пакистанската армија, во заедничко соопштение, наведуваат дека постигнале договор за почитување на примирјето по спорната граница во Кашмир, пренесува Ројтерс. Индија и Пакистан потпишаа договор за прекин на огнот долж Контролната линија на Кашмир во 2003 година, но примирјето беше нарушено во последните неколку години и бројот на жртви меѓу локалното население во близина на границата се зголемува.

„Двете страни се согласуваат строго да ги почитуваат сите договори, разбирање и прекин на огнот долж Контролната линија и другите сектори, кои ќе стапат на сила на полноќ меѓу 24 и 25 февруари“, се вели во соопштението.

Почитување на примирјето беше договорено меѓу генералите на двете армии задолжени за воени операции. Извор од пакистанската армија изјави дека има значително кршење на договорот за прекин на огнот од 2014 година, што доведе до речиси 300 цивилни жртви. Од почетокот на годинава, Индија регистрира 591 повреда на прекин на огнот од Пакистан.

Кашмир одамна е камен на сопнување меѓу двете земји. Тензиите беа обновени откако Њу Делхи ја укина автономијата на Џаму и Кашмир во август 2019 година и ги подели на две територии.