По вчерашната средба на министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија, Бујар Османи и Екатерина Захариева, на која, како што соопшти македонското Министерство за надворешни работи, се разговарало за Акцискиот план, за европската перспектива на Македонија и за ковид-19, денеска се огласи шефицата на бугарската дипломатија.
Захариева, во изјава за бугарската национална телевизија БНТ, потврди дека разговарале за претстојното свикување на меѓувладината конференција, но истакна дека датумот треба да биде објавен од двете страни , како и дека Софија нема да го смени ставот дека Македонија треба прво да ги исполни условите па да бара место во Европската унија (ЕУ).
„ЕУ не работи како Југославија, таа работи поинаку и ние ѝ зборуваме за тоа на Република Северна Македонија од 2019 година“, рече Захариева во изјавата за БНТ, потсетувајќи на почитување на Договорот за добрососедтсво и неопходноста од напредок во дијалогот.
Захариева додаде и дека „никој, вклучувајќи ги и САД, не може во иднина да ја притисне Бугарија да попушти и да дозволи пристапни преговори на Македонија со ЕУ, доколку не се исполнети условите“.