Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска, на враќање од посетата на Париз се сретна со министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, во Софија.
На средбата беа разгледани актуелностите поврзани со кризата од ковид и начините на кои двете земји остваруваат соработка во справувањето со овие предизвици. Во оваа прилика Захариева потврди дека се прават напори за изнаоѓање начин за испорака на ветените вакцини за земјава, соопшти македонското МНР.
Министрите разговарале и за Акцискиот план за меѓусебна соработка, можноста за неговата финализација, а во функција на евентуално договарање на втората меѓувладина конференција меѓу двете влади, чии копретседавачи се токму министрите Османи и Захариева, стои во соопштението.
Министерот Османи за средбата информираше и на својот Фејсбук-профил.
Акциски план, според премиерот Зоран Заев, е добар и за двете страни и треба да оди во полза на разговорите и добрососедските односи. Сепак, неговата целосна содржина до сега не е јавно објавена.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, бугарското Министерство за надворешни работи соопшти дека Захариева денеска на негово барање го примила министерот Османи, „кој патуваше транзитно низ Бугарија“.
Според бугарското МНР, Захариева на средбата ја потврдила принципиелната поддршка на Софија за европската интеграција на Северна Македонија, со исполнување на соодветни услови.
„Бугарската страна посочи дека според Договорот од 2017 година, на идниот состанок на Заедничката меѓувладина комисија треба да се направи целосен преглед на спроведувањето на Договорот“, се додава во соопштението.