Министерот за надворешни работи Бујар Османи попладнево пристигна во Софија, јави дописникот на МИА. Според дипломатски извори на МИА во Софија, македонската делегација предводена од Османи веднаш по пристигнувањето се упатила на средба со бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Екатерина Захариева во владината резиденција во Бојана.
Бугарската национална телевизија (БНТ) јави дека се очекува централна тема на разговорите да биде Акцискиот план меѓу двете земји.
Владиниот портпарол Душко Арсовски на денешната прес-конференција, исто така, информира дека се очекува централна точка на разговорите меѓу Османи и Захариева да биде Акцискиот план и дека повеќе информации за договореното ќе има по враќањето на министерот од Софија.
Акциски план, според премиерот Зоран Заев, е добар и за двете страни и треба да оди во полза на разговорите и добрососедските односи. Сепак, неговата целосна содржина до сега не е јавно објавена.