САД треба да го направат првиот чекор кон спасување на нуклеарниот договор од 2015 година меѓу Техеран и шесте светски сили, рече иранскиот амбасадор во Женева на денешната Конференција за разоружување поддржана од ОН која се одржа во Женева.
Амбасадорот Есмаил Багеи Хаманех ова го кажа еден ден откако Иран почна да ги ограничува меѓународните инспекции врз своите нуклеарни постројки во обид да изврши притисок врз САД и европските земји за укинување на економските санкции и враќање кон договорот.
„Обврска на страната што прекршува е да се врати, да почне одново и да ги надомести штетите, како и да даде уверување дека нема да се повлече повторно“, рече тој, повторувајќи ја позицијата на Техеран.
Администрацијата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп во 2018 година ги повлече САД од договорот, кој предвидуваше ограничување на иранската нуклеарна програма во замена за укинување на меѓународните санкции, по што Трамп воведе жестоки санкции против Техеран, кои силно влијаеа на иранската економија.
Новата администрација на претседателот Џо Бајден се обидува да ја смени таа одлука, но Иран бара Вашингтон прво да ги укине санкциите. Кина, која е потписничка на договорот, соопшти дека укинувањето на американските санкции е клучно за излегување од ќор-сокакот.
Пекинг, кој одржува блиски економски односи со Техеран, долго време се противи на санкциите. Кина, заедно со другите потписници на договорот, Велика Британија, Франција, Русија и Германија, работи на одржување на договорот во живот, откако Трамп се повлече во 2018 година.