Угостителите поставија маси и столчиња пред Владата во знак на протест оти веќе цела година не може да организираат поголеми свеченост, поради мерките за спречување на ширење на ковид-19. Поставија и бина за бенд, цветни аранжмани и средства за дезинфекција на масите.
Прв „гостин“ им беше вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи за да разговараат за загубите на угостителите кои имаат ресторани за свадби и другите од индустријата за организирање настани. Од оваа индустријата претходните денови протестираа на крстосниците во Автокоманда на влезот во Скопје, а денеска протестот го префрлија пред Влада.
Тие неодамна доставија предлози за организирање настани со нови здравствени протоколи, но владата не ги прифати. Угостителите велат дека веќе не можат да плаќаат вработени и да ги држат на работа, а немаат приходи, а, како што велат, веќе ни банките не им даваат кредити. Во разговорот со Битиќи тие посочија дека помошта што ја добиваат од државата не е доволна и дека бараат да им се дозволи работа по протоколи на а-ла-карт рестораните, бидејќи сметаат дека објектите се доволно безбедни за да почнат со работа.
Битиќи вели дека здравјето на луѓето е побитно од последиците кои може да ги имаат угостителите, оти како што вели загубите заедно ќе ги надокнаделе.
Вицепремиерот за економски прашања Битиќи претходно денеска рече дека Комисијата за спречување заразни болести е таа која носи одлуки за рестрикциите. Во последните денови расте бројот на заразени со ковид-19. Денеска се регистрирани нови 725 случаи на заразени со коронавирус.