Влада: Пописот дефинитивно ќе се спроведе во април

Илустрација

Пописот дефинитивно ќе се спроведе во месец април. Тој е неопходен на државата и секој граѓанин треба да придонесе да се спроведе оваа значајна статистика операција која ќе даде податоци важни за проектирање стратешки планови за натамошен развој на државата, изјави денеска на прес-конференција портпаролот на Владата Душко Арсовски.

Според него, методологијата е дефинирана, а сите подготовки се во тек и од први март почнува попишувањето на нерезидентното население.

Дека попис ќе има и дека првата фаза почнува за една недела, денеска потврди и министерот за правда, Бојан Марчиќ и побара „да престанат сите деструктивни обиди за саботирање на пописот“.

„За помалку од една недела започнува првата фаза од попишувањето на населението. Од Државниот завод за статистика утрово не информираа дека подготовките за пописот одат во најдобар ред. За помалку од една недела започнува првата фаза од попишувањето на населението. Тоа што е многу важно е дека „Евростат“ и директно потврди дека Законот за попис и методологијата се во согласност со ЕУ законодавството, односно највисоките стандарди за спроведување на ваква статистичка операција“, напиша на Фејсбук министерот Маричиќ.

Партиски функционери на ВМРО-ДПМНЕ, пак, веќе со недели тврдат дека пописот не е во согласност со стандардите на Евростат. Тоа последно го повтори партискиот потпретседател Александар Николоски, кој на еден од пунктовите на кој се собираат граѓанските потписи против пописот рече дека прогнозира дека ќе добијат над 100 000 потписи.