Пристигна втората пратка вакцини отстапени од Србија

Втората пратка ковид вакцини од Фајзер, од пакетот од 8000 вакцини отстапени од Србија, пристигна во Македонија (Табановце, 24 февруари 2021)

Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска на граничниот премин „Табановце“ ја прими втората пратка од вкупно 8-те илјади дози вакцини на Фајзер, отстапени од Србија по набавна цена. Пратката со автомобил до Табановце ја донесе делегација предводена од српскиот министер за здравство, Златибор Лончар.

„Денеска донесовме 3.510 дози на вакцини за граѓаните на Северна Македонија што заедно со првата пратка изнесува вкупно 8.190 дози. Исклучително ми е драго што сме во можност да им помогнеме на нашите соседи и пријатели. Ова е поздрав од сите граѓани на Србија од
претседателот Вучиќ“, рече српскиот министер Лончар.

Неговиот македоски колега, Филипче, изјави дека „оваа количина вакцини ќе биде доволна да се вакцинираат сите здравствени работници во нашата земја кои се во приоритетната група за имунизација, а тоа се здравствените работници кои од почетокот на кризата работат со пациенти заболени од Ковид“.

Првата пратка од 4680 дози вакцини Фајзер, отстапени од Србија, пристигна во Македонија на 14 февруари и со таа пратка кај нас официјално почна процесот на имунизација против Ковид-19.

Според досегашните најави од Владата, до крајот на месецов се очекува да пристигнат 200 илјади ковид вакцини од кинескиот производител Синофарм, а пријавувањето за вакцини преку сајтот vakcinacija.mk се одвива веќе неколку недели. Во меѓувреме се чекаат и договорот со Фајзер и вакцините преку системот Ковакс.