Африканската држава Гана стана првата земја која доби вакцини против ковид-19 преку програмата на Светската здравствена организација (СЗО) - Ковакс - која треба да обезбеди рамномерна распределба на вакцини меѓу државите. Денска во главниот град на Гана, Акра, пристигнале вкупно 600.000 дози од вакцината развиена од Оксфорд и „АстраЗенека“.
„Ова е исклучителен момент. Пристигнувањето на вакцините против ковид-19 во Гана е клучно за да се стави крај на пандемијата“, се вели во заедничкото соопштение на СЗО и УНИЦЕФ, кои додаваат дека пратката е дел од првиот бран испораки на вакцини во неколку земји со ниски и среднониски примања.
Оваа иницијатива беше воспоставена за да се спречи посиромашните земји да не останат без вакцини. Преку неа, вакцини треба да стигнат во 190 држави, а главната цел е 92 сиромашни земји да добијат вакцини во исто време кога и 98 побогати нации. Ковакс досега собра шест милијарди долари, а за да се исполнат целите за оваа година, потребни се уште најмалку две милијарди. До крајот на годината, преку Ковакс, треба да бидат поделени две милијарди дози низ цел свет, вклучувајќи ја и Македонија.