Активистите од Платформа родова еднаквост, денеска, му пренесоа на Основното јавно обвинителство (ОЈО) десетина нивни барања во врска со случајот „Јавна соба“ и како што рекоа на прес-конференцијата, потребен е кривичен прогон на сторителите од случајот „Јавна соба“ и за полнолетните жртви во случајот, а не само за делото „производство и дистрибуција на детска порнографија“.
„Обвинение против сторителите на делата „злоупотреба на лични податоци“, „посредување во вршење проституција“, „загрозување на безбедноста“ или „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“, зависно од околностите на случајот, навремено и квалитетно спроведување на предистражни и истражни постапки во случаите врз насилство на жени, засилена котрола врз работата на обвинителите“, ги објавија своите барања активистите.
„На ваков начин, се праќа порака дека насилството врз жените не е казниво, насилниците се охрабруваат да продолжат со своето однесување, а жртвите остануваат заплашени, засрамени и неми. Иако „Јавна соба“ е случај кој го привлече вниманието на целата јавност, сепак, после една година случајот сѐ уште нема завршница, а сторителите се гонат само за кривичното дело „производство и дистрибуција на детска порнографија“, изјави Јана Коцевска од Платформата за родова еднаквост.
Тие реагираат дека и по една година нема обвинение за насилниците, а тоа, како што рекоа, дополнително ги охрабрува да продолжат со своето однесување. Тие се надеваат дека надлежните ќе ги прифатат нивните барања најдоца до 8ми март, во спротивно, најавија деќа ќе ги радикализираат своите чекори.