Обвинетиот во Таргет-Тврдина, Сашо Мијалков, цело време бил во Скопје и во моментов се води целосна истрага, информираше утрово министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, по вчерашното појавување и притворање на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК).
Спасовски, во гостување во „Утрински брифинг“ изјави дека работеле со дежурните обвинители од Основното јавно обвинителство, а од вчера е назначен јавен обвинител кој што директно ќе раководи со овој случај.
„Ако не се предадеше, за неколку часа ќе беше сосема поинаку“, изјави Спасовски и нагласи дека немало никакви договори со Мијалков и дека „пресудата во петок ќе ги расчистела сите дилеми“.
По два дена „бегство“, Мијалков вчера сам се пријави во Обвинителството, каде му беше дадено решението за домашен притвор. Тој изјави дека бил болен, не знаел што се случува и се извини на „сите за непријатностите што ги предизвикал“.
Поранешниот шеф на УБК, Мијалков, е обвинет за незаконското прислушување на илјадници граѓани, случај познат како Таргет-Тврдина, за кој пресудата треба да биде изречена во петок. Минатата недела, надлежните служби не можеле да го најдат за да му врачат решение за притвор, по што беше организирана потрага по него и беше распишана меѓународна потерница. За власта, појавувањето на Мијалков е резултат на координирана акција и обезбедување на правдата, а за опозицијата, како што рече нејзиниот лидер Христијан Мицкоски, е „циркус со скапа влезница“.