Лондон, Париз и Берлин го осудија иранското ограничување на нуклеарната контрола

Натанц, нуклеарна постројка во јужен Иран

Лондон, Париз и Берлин изразија „длабоко жалење“ за „опасното“ ограничување на инспекциите на нуклеарните постројки во Иран. „Ние, министрите за надворешни работи на Франција, Германија и Велика Британија, изразуваме длабоко жалење што Иран започна да ја суспендира мерката за транспарентност и протоколот на меѓународниот договор за иранската нуклеарна програма“, се вели во заедничкото соопштение. Од вчера, Иран формално ги ограничи контролите на своите нуклеарни постројки на агенцијата на ОН, објави иранската државна телевизија. Со ограничување на пристапот до инспекторите на Меѓународната агенција за атомска енергија Техеран сака да изврши притисок врз европските земји и САД да ги укинат санкциите и да го оживеат меѓународниот нуклеарен договор од 2015 година.

МААЕ: Иран почна да произведува метал ураниум за реактори

Во 2018 година, со одлука на поранешниот претседател Доналд Трамп, САД еднострано се откажаа од меѓународниот нуклеарен договор, со кој Иран се обврза да го ограничи збогатувањето на ураниум во замена за укинување на економските санкции. Американските власти повторно воведоа санкции кон Иран, додека по повлекувањето на Соединетите држави, Иран започна да ги занемарува своите обврски од тој договор. Договорот за иранската нуклеарна програма, официјално наречен Заеднички сеопфатен план за акција беше потпишан во јули 2015 година во Виена од Иран и „Групата 5 плус 1“, која се состоеше од пет постојани членки на Советот за безбедност на ООН (Кина, Франција, Русија, Британија, САД) и Германија, како потписничка во име на ЕУ.