Премиерот Зоран Заев вечерва изјави дека појавувањето на обвинетиот Сашо Мијалков пред Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција е успешно завршен случај од страна на институциите на државата.
„Институциите покажаа дека учиме од бегството на Груевски. Институциите чукнаа на маса денеска и постапија. Тие ги презедоа сите редовни и вонредни мерки во врска со бегството на Сашо Мијалков. Сите нивни чекори се преземени согласно законите. Алармот треба да биде вклучен пред секој со кривична или друга одговорност и државата докажа дека е подготвена да биде сервис на граѓаните“, изјави премиерот Заев.
Премиерот повтори дека ќе се спроведе истрага која ќе покаже дали имало пропусти во случајот со Мијалков и кој треба да сноси одговорност.
„Не треба да се заборави дека Мијалков првично избега. Останува нашата посветеност да се истражи. Случајот се реши но тоа не значи дека нема да има истрага до самиот крај“, повтори Заев.
Според Заев, правдата е обезбедена затоа што се појави Мијалков
Поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков попладнево се појави во Обвинителството за организиран криминал. Во изјава за телевизија 24 вести тој рече дека не побегнал туку дека бил болен и имал висока температура. Мијалков им се извини на јавноста и на институциите и повтори дека нема да бега бидејќи не се чувствува виновен за делото за кое е обвинет во предметот „Таргет-тврдина“.
Претходно денеска на прес конференција министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека сите моментални анализи и проценки укажувале дека Мијалков не ја напуштил државата.