Според Заев, правдата е обезбедена затоа што се појави Мијалков

Сашо Мијалков во суд за Таргет - Тврдина

Поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков по кој се трагаше од неделата попладнево се појави во Јавното обвинителство и рече дека бил во изолација поради висока температура, а од кога видел дека се трага по него се пријавил. Им се извини на владата и на граѓаните и повтори дека негов стил не бил да бега.

Поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков кој од неделата беше недостапен за органите на прогонот, попладнево се појави пред Јавното обвинителство за, како што изјави, да го подигне решението за куќен притвор што му го одреди Кривичниот суд.

Вчера имал висока температура а денеска сам се појави пред ЈО

Видете и ова: Мијалков се појави, бил болен и немало да бега

Во изјава за телевизија 24 тој негираше дека бил во бегство и рече дека вчера бил болен со повисока темпетарура од 40 степени и дека бил изолиран оти имал симптоми на коронавирусот. Тој и се извини на целата македонска јавност за непријатноста и уште еднаш рече да го повторел тоа дека никогаш нема да избегал од државата. Им се извини и на премиерот, на владата и на министри. Инаку, и во октомври судењата за Таргет - Тврдина беа одложени поради тоа што тој имаше симптоми на коронавирус.

Вчера, неговото семејство и соработници беа на распит во полиција, а полицајци обезбедуваа неколку места низ Скопје на кои би можело да се наоѓа и претресуваа гепеци на автомобили.

Заев - преземена акција и голем успех

По појавувањето на Мијалков на социјалната мрежа Фејсбук се огласи и премиерот Зоран Заев кој напиша дека после преземената акција објавувал конкретен резултат од кој имале значаен успех.

Видете и ова: Случајот Мијалков- атомска бомба за кредибилитетот на владата

„Се пријави Сашо Мијалков во Обвинителството за организиран криминал и обезбеден е неговиот домашен притвор! Институциите ги презедоа сите редовни и вонредни мерки во врска со бегството на Сашо Мијалков. Координацијата помеѓу сите институции со сите активности што се презедоа во последниве 40 часа дадоа резултат. Правдата е обезбедена, ќе ја има и повеќе и почесто!“, наведе Заев.

На Мијалков в петок треба да му биде изречена пресудата за овој случај во кој е првообвинет. Претходно за тоа што не можеше да се пронајде два дена беше мобилизирана речиси целата држава, а реагираше и Стејт Департментот.

Два дена потерници, истрага

Полицијата распиша и домашна и меѓународна потерница, а министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кратко пред тој сам да се појави во обвинителство рече дека не чувствува лична вина, туку дека тоа е поради нефункционалниот систем. Но и тој на прес конференцијата која ја одржа во 15 часот, рече дека Мијалков, според нивните сознанија, е во земјата.

"Сега е моментот кога мора да ги насочиме сите сили да го најдеме бегалецот и да го соочиме со лицето на правдата. Бегањето од таа одговорност, носењето на оставка нема да ги реши проблемите, па чија сака нека е. Сметам дека треба да има детална истрага за целиот случај, доколку има кој било, што придонел за оваа ситуација за бегство, не да носи морална, треба да носи кривична одговорност, без разлика дали е министер или некој во службите, Судот или Обвинителството“, изјави Спасовски.

Претходно, шефицата на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал Вилма Русковска отфрли „каква било“ одговорност на Обвинителството за бегството на Мијалков. Таа рече дека тие алармирале до МВР дека имаат информација за можно бегство.

Ќе има правда, ветуваше СДСМ

Инаку, пред да дојде на власт, едно од главните ветувања на сега најголемата владејачка партија СДСМ беше „ќе има правда“. Во текот на 2015 година, кога Заев како лидер на тогаш опозициската СДСМ ги објавуваше таканаречените аудио бомби, речиси и да не одржа прес конференција на која не ги спомена братучедите, тогашниот премиер Никола Груевски и тогашниот шеф на УБК Сашо Мијалков како најодговорни за тоа што се случуваше тогаш.

Видете и ова: Каде е Сашо Мијалков?


По објавувањето на аудиоматеријалите почнаа и граѓанските протести кои подоцна преминаа во Шарената револуција, а и на нив главното барање на оние кои протестираа беше да има правда и правна држава. Четврта година како Заев ја води владата, а двајцата главни ликови од неговите опозициски „аудио бомби“ Груевски и Мијалков се на слобода.

Поранешниот премиер е во Будимпешта од 2018 година и доби унгарски азил откако избега од Македонија по пресудата од две години затвор за случајот „Тенк“. Досега најавуваната истрага за тоа како избегал не донесе никакви информации, а никој не презема одговорност. Мијалков, го немаше од неделата, а денеска сам се појави пред обвинителството.