Мијалков се појави, бил болен и немало да бега

Сашо Мијалков

Поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков попладнево се појави во Обвинителството за организиран криминал. Во изјава за телевизија 24 вести тој рече дека не побегнал туку дека бил болен и имал висока температура.

„Не бев во бегство, бев тука, но поради тоа што чувствував симптоми на корона, се изолирав. Кога разбрав за тоа што се случува, решив да дојдам денеска до Обвинителството за да го видам решението. Навистина ми е жал поради непријатностите, за што сакам да се извинам на јавноста, на министрите, на правосудните инстанци поради оваа ситуација“, изјави Мијалков.

Тој повтори дека нема да бега и дека не се чувствува виновен за делото за кое е обвинет во предметот „Таргет-тврдина“.

„Секој кој ме знае знае, знае дека јас кога ќе дадам збор, нема да го погазам. Јас јавно ветив дека нема да побегнам“, изјави Мијалков пред Обвинителството.

Претходно денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека сите моментални анализи и проценки укажувале дека Мијалков не ја напуштил државата.

Спасовски: Мијалков е во државата, вината е во системот, а има и кртови

Мијалков беше недостапен за органите за прогонот од неделата откако судот издаде решение тој да биде во куќен притвор до изрекување на пресудата за случајот „Таргет-Тврдина" в петок. Тој е еден од 12-те обвинети во „Таргет-тврдина“. Според обвинителниот акт за Мијалков, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.