Иран официјално започна да ги ограничува меѓународните инспекции на своите нуклеарни постројки, објави државната телевизија во земјата. Таа соопшти дека Иран на тој начин се обидува да изврши притисок врз европските земји и администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден за укинување на економските санкции и обновување на нуклеарниот договор од 2015 година.
Во извештајот на државната телевизија не се дадени многу детали, освен потврда дека Иран се соочил со закана од помала соработка со инспекторите на Меѓународната агенција за атомска енергија. Потегот на Иран да ги ограничи меѓународните инспекции е уште еден предизвик со кој се соочува Бајден, додека се обидува да ја промени политиката на Трамп и да го обнови меѓународниот нуклеарен договор со Иран.
„Законот стапи на сила утрово“, рече иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф, повторувајќи дека Иран повеќе нема да ги споделува снимките за надзор од своите нуклеарни постројки со Агенцијата на Обединетите нации.
Иранската организација за атомска енергија, цивилната нуклеарна агенција во Техеран, вети дека ќе ги чува снимките три месеци и потоа ќе ги предаде на Меѓународната Агенција за атомска енергија но само доколку бидат укинати санкциите. Во спротивно Иран соопшти дека ќе ги избрише снимките.
Постигнато привремено решение со Иран за нуклеарната програма
Иран ги објави своите планови за прекинување на примената на таканаречениот „Дополнителен протокол“, односно доверлив договор меѓу Техеран и Меѓународната агенција за атомска енергија постигнат како дел од нуклеарниот договор. Договорот им дава на инспекторите на Обединетите нации засилени овластувања да ги посетуваат нуклеарните постројки и да ги следат нивните програми.
Пред скоро три години, поранешниот американски претседател Доналд Трамп еднострано ги повлече Соединетите Држави од нуклеарниот договор и повторно воведе санкции за Иран што негативно се одрази врз економијата на земјата.