Спасовски: Мијалков е во државата, вината е во системот, а има и кртови

Оливер Спасовски

Најкатегорично ги отфрлам сите шпекулации за некакви договори за бегство на Сашо Мијалков, ве уверувам дека Министерството за внатрешни работи (МВР) трага по него и сметаме дека тој е се уште во државата, рече денеска министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на прес-конференцијата за бегството на поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање, кој се бара со меѓународна потерница, а избега пред да биде притворен и неколку дена пред изрекувањето на пресудата за масовното незаконско прислушување.

Спасовски вината за бегството ја гледа во системот, за кој вели дека се додека има пропусти во него, ќе има вакви настани, но, како што рече, не ги обвинува ни обвинителите, ни судовите... поединечно. За поднесувањето оставка вели дека тоа е повлекување, а не борење. Тој вели дека „прстот не може да се впери во поединци, туку треба да се впери во инситуциите, а ќе се утврди кои треба да се консолидираат“, но додаде дека „оние кои не постапиле соодветно за овој случај, мора да понесат одговорност, а тоа се сите кои се одговорни да постапат според законот“.

„Во текот на вчерашниот ден извршени се информативни разговори со 10 лица, меѓу кои се членови на семејството и обезбедувањето, а денеска дополнително се повикуваат други лица. Одземени се телефони, документација и други предмети кои можат да послужат во врска со случајот. Обезбедени се снимачи од згради и објекти, а проверувани се и камерите од „Безбеден град“ со цел добивање на дополнителни информации“, појасни министерот кој рече дека не чувствува одговорност и додаде дека премиерот Зоран Заев не побарал оставка од него.

Тој денеска детално, со хронолошка анализа, објаснуваше што се одвивало изминатите два дена во врска со овој случај, од јавувањето на обвинителката Вилма Русковска во МВР, па се до истрагата до повикувањето на повеќе лица на информативен разговор во полициска станица. На новинарско прашање „зошто не е дејствувано во периодот од 17 часот кога добиле известување од обвинителката Вилма Русковска, до 23 часот“, Спасовски одговори дека веднаш штом добиле известување почнале пропишаните полициски активности за вакви случаи, но и постави контра-прашање: „А зошто се чекало со испраќање на барањето до нас дури до следниот ден?“.

На новинарско прашање дали некој погрешил или можеби има крт кој му доставил информации на Мијалков, министерот рече дека се проверуваат и „сопствените редови во полицијата“.

„Не можеме да кажаеме со сигурност, но има сомнежи дека во секоја институција може да има крт каде има остатоци од претходната власт, од режимот“, одговори Спасовски и додаде дека „се додека има сериозни пропусти во системот, ќе има вакви настани“.