Сите надлежни за случајот „Мијалков“ на состанок со Заев

Премиерот Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев изутринава имал работен состанок со првите одговорни лица на институциите, кои имаат надлежност во врска со бегството на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков. Заев, како што соопштија од Владата, состанокот го свикал со цел директно и лично да се информира за сите аспекти на случувањата изминатите денови, за истрагата и за чекорите кои институциите ги преземаат.

„Премиерот стои цврсто на неговите јасни и јавно изнесени позиции дека сите надлежни институции, согласно своите надлежности имаат обврска да го лоцираат лицето Сашо Мијалков. Премиерот порачува дека граѓаните очекуваат детално објаснување, дека институциите се должни да дадат јасни одговори на сите прашања за овој случај и дека не се можни компромиси со правдата и одговорноста“, информираа од Владата.

Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница по екс директорот на УБК Сашо Мијалков, кој од неделата е недостапен за полицијата. Тоа отвори многу дилеми и предизвика реакции од повеќе страни, како и барања за одговорност и истрага за евентуални пропусти од надлежните институции.

Полицијата во неделата не успеала да му го врачи решението за куќен притвор, што како мерка на претпазливост, на барање на обвинителството го донел Кривичниот суд. Тој е еден од обвинетите за нелегалното прислушување на над 20 илјади граѓани во периодот од 2008 до 2015 година. Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Обинителството во завршните зборови за Таргет-Тврдина побара максимална казна за Сашо Мијалков, а пресудата треба да биде објавена в петок, на 26 февруари.