Ние, реално, според моите проценки, ја имаме шансата да го направиме првиот пробив по изборите во Бугарија, значи мај, јуни. Потоа се влегува во предкампања – кај нас се локалните, но и во Бугарија има други избори тоа се претседателските. Ако не успееме во овие два месеца, потоа другата шанса ни е во ноември, декември, изјави денеска специјалниот претставник на македонската Влада за Бугарија, Владо Бучковски, чиј мандат е до 1 декември оваа година.
Разговорите Скопје - Софија почнаа веднаш по блокирањето на преговарачката рамка на Македонија со Европската унија (ЕУ), која ја стави Бугарија со образложение дека Скопје не го исполнува Договорот за добрососедство, но и по инсистирањата на Софија, Македонија да признае бугарски корени на идентитетот, народот и јазикот. Македонскиот премиер, Зоран Заев, рече дека се тоа македонските црвени линии и дека за нив нема преговори.
Реториката се вжешти по изјавата на шефицата на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева, дека македонизмот е создаден од Белград и Москва, како и по „обвинувањата од Захариева дека Македонија има под 50 проценти усогласеност на надворешната политика со онаа на ЕУ“, на што вчера остро реагираше македонскиот вицепремиер Никола Димитров.
Последно на релација Скопје - Софија е најавата за скорешно финализирање на т.н. Акциски план, кој според премиерот Заев ќе ги олесни разговорите, но до сега тој јавно не е објавен.