Иран би можел да збогати ураниум и до 60 проценти доколку има потреба, изјави иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи. „Границата за збогатување на ураниум нема да биде само до 20 проценти. Ние ќе дејствуваме во согласност со нашите потреби. Можеме да го зголемиме збогатувањето до 60 проценти", рече тој. Неговата изјава доаѓа еден ден пред стапување во сила на законот, според кој инспекторите на Меѓународната агенција за атомска енергија нема да смеат да посетуваат некои објекти. Генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси, во неделата а по враќањето од Техеран изјави дека со иранските власти е постигнато привремено, тримесечно решение за следење на спроведувањето на меѓународниот договор за иранската нуклеарна програма. „Пристапот ќе се намали, но ќе можеме да го одржиме потребното ниво на надзор и верификација“, рече Гроси, додавајќи дека ова „ќе ја спаси ситуацијата“ засега.
Постигнато привремено решение со Иран за нуклеарната програма
Во 2018 година, со одлука на поранешниот претседател Доналд Трамп, САД еднострано се откажаа од меѓународниот нуклеарен договор, со кој Иран се обврза да го ограничи збогатувањето на ураниум во замена за укинување на економските санкции. Американските власти повторно воведоа санкции за Иран, додека по повлекувањето на Соединетите држави, Иран започна да ги занемарува своите обврски од тој договор. Договорот за иранската нуклеарна програма, официјално наречен Заеднички сеопфатен план за акција беше потпишан во јули 2015 година во Виена од Иран и „Групата 5 плус 1“, која се состоеше од петте постојани членки на Советот за безбедност на ООН (Кина, Франција, Русија, Велика Британија, САД) и Германија, како потписници во име на ЕУ.