Немање на законска можност и прејудицирање на пресудата се двете причини поради кои обвинителството во петокот не побарало притвор за поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, изјави вечерва шефицата на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал Вилма Рускоска. Таа отфрли „каква било“ одговорност на Обвинителството за бегството на Мијалков.
Рускоска во емисијата 360 степени на телевизијата Алсат рече дека Мијалков редовно се јавувал на сите рочишта и дека доколку во петокот по завршувањето на рочиштето за предметот „Таргет-Тврдина“ обвинителството побарало притвор, тоа ќе се протолкувало како прејудицирање на пресудата, вели таа.
„Првата причина е што немавме законска можност, затоа што обвинетиот Сашо Мијалков ги почитуваше превентивните мерки кои му беа определени од судот, а исто така редовно се јавуваше на сите рочишта. Втората многу поважна причина е тоа што доколку во тој момент Обвинителството побараше притвор, можеше и ќе се протолкуваше како прејудицирање на пресудата, изјави Русковска.
Мијалков е еден од дванаесетте обвинети во случајот „Таргет-Тврдина“ за нелегалното прислушување на над 20 илјади граѓани во периодот од 2008 до 2015 година, поради што Обвинителството во завршните зборови побара максимална казна.
Полицијата како што соопшти трага по Мијалков, откако судот вчера издаде решение тој да биде во куќен притвор до изрекување на пресудата за случајот в петок, но надлежните не го пронашле во неговиот дом.
Потоа полицијата прво издаде наредба за национална, а потоа за меѓународна потерница за Мијалков, откако такво решение донесе Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје.
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција смета дека постојат основи за сомнеж дека некој му помогнал на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) да избега од причина што кога го поднеле предлогот за притвор, тој не бил во бегство, наведуваат од обвинителството.
Рускоска изјави дека во саботата после 12:30 часот на пладне, откако добила оперативна информација од нејзин личен извор дека е можно бегство на Мијалков, по што остварила контакт со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој и рекол дека ќе ги провери сознанијата кои ги добила и, како што вели, ја замолил тоа што му го кажала преку телефон да го напише на писмено и да му го достави.
„Јас се јавив на директорот на полиција, го прашав дали оствариле контакт со Агенцијата за национална безбедност и дали тие имаат некои сознанија при што директорот ми кажа дека Агенцијата за национална безбедност нема сознанија за бегство на Сашо Мијалков“, вели Рускоска.