Стејт департмент: Одблизу ја следиме ситуацијата со бегството на Мијалков

Стејт департментот на САД.

Ситуацијата по повод бегството на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков ја следиме одблизу, изјави портпаролот на Стејт департментот на САД, пренесува Гласот на Америка. Тој додава дека се свесни за извештаите во врска со случајот.

За Мијалков полицијата денеска издаде наредба за меѓународна потерница, откако такво решение донесе Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје.

Полицијата започна да трага по Мијалков откако судот вчера издаде решение тој да биде во куќен притвор до изрекување на пресудата за случајот „Таргет-Тврдина" в петок, но надлежните не го пронашле во неговиот дом.

Мијалков е еден од дванаесетте обвинети за нелегалното прислушување на над 20 илјади граѓани во периодот од 2008 до 2015 година, поради што обвинителството во завршните зборови за случајот „Таргет-Тврдина“ побара максимална казна.

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција смета дека постојат основи за сомнеж дека некој му помогнал на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) да избега од причина што кога го поднеле предлогот за притвор, тој не бил во бегство, наведуваат од обвинителството.