Вакцинирани над илјада здравствени работници

Првата вакцина против ковид-19 ја прими д-р прим. Добринка Наунова Јовановска од Клиниката за Инфективни болести.

Досега 1.040 здравствени работници во земјава ја примиле вакцината против Ковид-19, соопштува Министерството за здравство. Од институцијата наведуваат дека кај мал број од нив се појавиле реакции по вакцинирањето, како болки во местото каде е ставена и благо зголемена телесна температура.

Од Министерството за здравство велат дека сите вакцини се безбедни и развиени на сигурни платформи.

„Преку веб-страницата „vakcinacija.mk“ реализирани се 63.075 пријави од граѓаните со искажување на интерес за вакцинација“, велат од Министерството за здравство.

Вакцинацијата на здравствените работници започна минатата среда, откако на граничниот премин Табановце земјава доби пратка од Србија од 4.680 вакцини од производителот „Фајзер.“ Вкупната количина која земјава треба да ја добие од Србија е 8.000 вакцини.

До крајот на неделава, според најавите на властите, се очкуваат уште 200.000 вакцини од кинескиот производител „Синофарм“, а државата порача дополнителни 100.000 дози од руската вакцини „Спутник В“, како што најави премиерот Зоран Заев.

Тој додаде дека оваа недела се очекуваат и првите информации и од Европската унија, од директниот договор со „Фајзер“, а понатаму преку Ковакс механизмот.