Мицкоски бара оставки, Пендаровски одговорност за Мијалков

Илустрација - Архивска фотографија од Христијан Мицкоски, Стево Пендаровски и Зоран Заев на лидерска средба во вила Водно

Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска побара оставка од владата поради неможноста на власта да го пронајде обвинетиот поранешен директор на Управата за Безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков.

„Одамна реков, мафијата има своја држава. Нема дно кое не го пробија. Оставка на Владата веднаш“, напиша Мицкоски на Фејсбук.

Министерството за внатрешни работи распиша национална, а Кривичниот совет одобрил и меѓународна потерница по Мијалков, кој е еден од дванаесетте обвинети за нелегалното прислушување на над 20 илјади граѓани во периодот од 2008 до 2015 година. Мијалков стана недостапен пред да биде однесен во притвор до изрекување на пресудата за случајот Таргет - Тврдина, закажано за в петок. Обвинителство соопшти дека постои сомнеж дека некој му помогнал на Мијалков за бегство.

Во врска со Мијалков денеска реагираше и претседателот на државата Стево пендаровски.

„Вакви случувања се неприфатливи за земја која очекува да започне преговори за членство во Европската Унија и која напорно работи на реформирање на правосудниот систем и градење доверба во правната држава. Ова ги дискредитира напорите и надежите за справување со криминалот и високата корупција“, изјави претседателот Пендаровски.