Кривичниот совет веднаш по приемот на барањето донесе решение за согласност за распишување меѓународна потерница за С.М. од страна на Министерството за внатрешни работи (МВР) и истото е доставено до барателот, информираше денеска Основниот кривечен суд Скопје.
„Ја информираме јавноста дека од страна на надлежното Министерство за внатрешни работи до Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје, предпладнево е поднесено барање за согласност од судот за распишување меѓународна потерница за обвинетиот на кој во текот на вчерашниот ден му беше определена мерка куќен притвор со 24 часовен надзор по негово пронаоѓање односно лишување од слобода. Кривичниот совет веднаш по приемот на барањето има донесено решени за согласност за распишување меѓународан потерница од страна на МВР и истото е доставено до барателот“, соопшти Основниот Кривичен суд Скопје.
Полицијата трага по Сашо Мијалков, поранешниот директор на УБК, откако судот издаде решение тој да биде во куќен притвор до изрекување на пресудата за случајот „Таргет-Тврдина" в петок. Од Министерството за внатрешни работи велат дека се преземаат мерки и активности за негово наоѓање. Мијалков е еден од 12-те обвинети за нелегалното прислушување на над 20.000 граѓани во периодот од 2008 до 2015 година. Обвинителката Ленче Ристеска во завршниот збор за него побара максимална казна, но не побара негово обезбедување до изрекувањето на првостепената пресудата.
Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека и тој и граѓаните бараат правда и се разочарани заради „уште едно бегство“ и додаде дека откако ќе ги има сите детали поврзани со оваа ситуација, ќе побара одговорност. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицскоски, поради недостапноста на органите до Мијалков, побара оставка од Владата.