Народот бара правда. Се случи уште едно бегство. Мијалков се очекува да биде осуден согласно предметот Таргет-Тврдина. Разочарани сме што тој се уште не е пронајден, изјави денеска премиерот Зоран Заев, додека трае полициската и судската потрага по поранешниот директор на Управата за безбедност и контра-разузнавање (УБК), Сашо Мијалков.
Премиерот вели дека е „разочаран и дека ќе побара детали за истрагата и случајот да биде расветлен во најбрз можен рок, затоа што народот очекува правда“.
Инаку, поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, од вчера попладне е недостапен и полицијата не успеала да му го врачи решението за куќен притвор, што како мерка на претпазливост, на барање на Обвинителството, викендот го донесол Кривичниот суд. Од МВР за МИА потврдија дека му е одреден куќен притвор и оти се преземаат мерки и активности за негово пронаоѓање. Обвинителството побарало куќен притвор поради опасност од бегство во пресрет на објавувањето на пресудата за предметот Таргет-Тврдина в петок, а во кој Мијалков е еден од обвинетите. Овој предмет се однесува на незаконските прислушувања.
Денеска премиерот Заев рече дека кога ќе ги има сите детали за овие случувања поврзани со Мијалков, ќе побара одговорност. Тој, на излегување од Кривичниот суд, каде беше повикан како сведок во случајот за изборните нерегуларности „Титаник“, рече дека немало никако политички договор и дека е среќен што „обезбедиле услови да се дејствува законски таму каде затаило спроведувањето на законот“.
„Барам институциите да постапат согласно законот. Убеден сум дека тоа може да се спроведе. Очекувам детални информации и детали и истрага за самиот случај. Нашиот народ очекува расветлување оваа ситуација. Ќе побараме одговорност кога ќе ги знаеме деталите“, истакна Заев и додаде од него да не се бара „да прави јавна истрага пред микрофоните“.