Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија Рафаел Гроси, синоќа по враќањето од Техеран изјави дека е постигнато привремено, тримесечно решение со иранските власти за следење на спроведувањето на меѓународниот договор за иранската нуклеарна програма. Сепак, инспекциите од претставниците на оваа агенција ќе бидат ограничени почнувајќи од утре. „Пристапот ќе се намали, но ќе можеме да го одржиме потребното ниво на надзор и верификација“, рече Гроси пред новинарите во Виена, додавајќи дека ова „ќе ја спаси ситуацијата“ засега.
Иран ќе ја намали соработката за нуклеарен надзор
Иранскиот парламент го одреди 21 февруари како краен рок за ограничување на некои инспекции на МААЕ во некои ненуклеарни постројки, вклучително и воените локации во Иран. Во 2018 година, со одлука на поранешниот претседател Доналд Трамп, САД еднострано се откажаа од меѓународниот нуклеарен договор, со кој Иран се обврза да го ограничи збогатувањето на ураниум во замена за укинување на економските санкции. Американските власти повторно воведоа санкции кон Иран, додека по повлекувањето на Соединетите држави, Иран започна да ги занемарува своите обврски од тој договор.