Полицијата вечерва го бара поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков да му врачи решение за домашен притвор, но тој не бил на адресата што ја дал во судот, објавија повеќе македонски медиуми повикувајќи се на неофицијални судски и полициски извори.
Мијалков наводно бил баран и во други негови станови, како и во хотелот Мериот чиј косопственик е.
Мијалков е обвинет во случајот Таргет-Тврдина за незаконски прислушување на илјадници граѓани во периодот додека беше директор на УБК, од 2006 до 2015 година.
Завршните зборови на судењето беа во петокот, по што тој си замина дома.
Обвинителството викендов побарало домашен притвор, а судот го прифатил барањето.
Изрекувањето на пресудата за Мијалков, кој е обвинет за злоупотреба на службената положба и злосторничко здружување е закажано за 26 февруари.