Грција разговара со десет земји, на билатерално ниво, за сертификат за вакцинација, соопшти министерот за туризам на Грција Харис Теохарис. Грчките власти разговарале со Велика Британија, САД, Австралија, Србија, Русија, Украина, Кина, Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија.
Теохарис вели дека дигиталниот сертификат за вакцинација на билатерално ниво ќе биде една од главните алатки преку кои ќе може да се отвори протокот на туристи со разни земји.
За можноста да постои договор во рамките на ЕУ, министерот за туризам на Грција објаснува дека е позитивно тоа што грчкиот предлог добива сè повеќе сојузници во Унијата и истакнува дека Грција го задржува правото сертификатот за вакцинација да биде алтернатива на негативниот тест.
„За да ги расчистиме заблудите, треба да разјасниме дека овој сертификат нема исти карактеристики како еден вид пасош, па затоа не се покренува прашање за задолжителна вакцинација за оној кој сака да патува. Напротив, целта е да се отстрани дел од бирократијата, како што е негативниот тест пред поаѓањето. Во однос на дискусиите околу личните податоци, наједноставниот одговор е и најубедлив. Не постои обврска да се покаже потврдата за вакцинација, секогаш постои алтернативата со негативен тест за секој што сака да патува“, објаснува министерот за туризам на Грција.
Во меѓувреме, грчката Влада за уште две седмици, до 8 март 2020 година, ја продолжи одлуката за ограничување на копнените граници и забраната за влез во Грција на државјани на трети земји.
Станува збор за мерките што веќе 11 месеци се продолжуваат за да се ограничи ширењето на коровирусот.
Вучиќ: Ако Косово мисли дека нема потреба од дијалог, немам проблем со тоа
Белград, 21 февруари 2021 (МИА) -Србија знае кои се нејзините национални и државни интереси и ќе продолжи да се бори за својот народ, и неговите права, без оглед на тоа што ситуацијата е скоро безнадежна, изјави денеска претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на прашањето да прокоментира дали Србија има одговор на новите притисоци од Приштина и Вашингтон и најавите за нова платформа за продолжување на дијалогот.
-Немате адекватен одговор, гледам дека Албин Курти ја решава и нашата внатрешна ситуација и зборува за тоа како треба да изгледа Србија и кој треба да биде на власт. Застанете, молчете, пуштете ги, сите тие се силни и паметни. Ние ќе ги пуштиме, нека си ја работат својата работа, а ние ќе ја работиме нашата, изјави Вучиќ пред новинарите на аеродромот Никола Тесла при пристигањето на 150.000 дози на вакцината АстраЗенека.
Тој подоцна на аеродромот на новинарите им изјави дека дијалогот и разговорите со Приштина се најважни за Србија, но доколку тие сметаат дека тоа не е потребно, и дека на тој начин ќе ги решат своите проблеми, тој кажа дека нема проблем со тоа.
Во врска со изјавта на Курти дека не е заинтересиран за дијалог со Белград, туку со Србите на Косово, Вучиќ забележа дека претставници на Србите од Косово не се оние што добиваат 0,62 или оние што добиваат два отсто, туку оние што добиваат 95 отсто. Тие се обидоа на секој начин да инсталираат Срби со кои сакаат да разговараат, од Рашиќ до Рада Трајковиќ, па не успеаја во тоа. Можете да купите некого, но не и 95% од луѓето, истакна Вучиќ.
Тој исто така посочи дека оваа ситуација е исклучително тешка за Србија, скоро безнадежна, по 2004, 2008 и 1999 година, но дека сè уште треба да се бори за својот народ, неговите интереси и права, и додаде дека ќе се види колку долго и како.
-Ќе биде тешко за нас, а ним, како што велат, сè им е лесно. Ќе видиме колку тоа лесно ќе биде, заклучи Вучиќ. Во поголемите градови во Бугарија најави за отворање деноноќни пунктови за вакцинација
Софија, 21 февруари 2021 (МИА) – Од понеделник во Бугарија ќе бидат отворени 24 часа пунктови за вакцинација. Тоа го најави денеска министерот за здравство на Бугарија Костадин Ангелов.
– Се зависи од вас. Благодарение на оние кои веруваат во науката има долги редици луѓе. Ќе отвориме деноноќни пунктови за вакцинација во градови во државата, изјави тој.
Вакцинацијата во Бугарија се одвива втор ден и во сите поголеми градови има редици од луѓе кои сакаат да ја примат вакцината. Количините од Фајзер/Бионтех се потрошени и сега се вакцинира со АстраЗенека, јави дописникот на МИА.
Втор ден во сите поголеми градови во Бугарија, луѓето се редат во огромни редици за да ја добијат првата доза на вакцина против Ковид-19.
Според државниот санитарен инспектор во Пловидв антиваксери се обидуваат да спречат вакцнирање со тоа што се пријавуваат на листите, а потоа не доаѓаат. нк/