Заев - Дадов насоки да се порачаат 100 илјади вакцини „Спутник“

Премиерот Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека дал насоки да се нарачаат 100 илјади руски вакцини Спутник Ви против коронавирус.

„Во координација со министерот за здравство синоќа добив информација дека имаме капацитет, согласно планот за предвидување, склучените договори и платените аванси, да направиме дополнително и 100.000 дози нарачка од следна вакцина, којашто би го надополнила севкупниот план, а не би предизвикало да останат вишок вакцини согласно планот на Министерството за здравство. Така што да одговорам на прашањето: Дали би нарачал од ‘спутник’, да, дадов насоки, да се направи од таму нарачка, бидејќи има капацитет од дополнителни 100.000 дози. Сè што постои од вакцина, направивме нарачки, договори“, рече Заев, одговарајќи на новинарско прашање по посетата на компанијата ТАБМАК во Пробиштип.

Тој рече дека оваа недела се очекуваат и првите информации и од Европската унија, од директниот договор со „Фајзер“, а понатаму преку Ковакс механизмот, а во последната недела од февруари се очекуваат и самите вакцини од Кина, а и планот што е направен за дополнителни нарачки.

„Верувам дека вакцинацијата ќе биде согласно предвидената динамика. Вакцините што ги добивме од Србија се за самите здравствени работници, до вчера беа вакцинирани околу 850 и продолжуваме понатаму.

Очекуваме оваа недела да дојдат и останатите вакцини од Србија, кои досега се 4.680, со што ќе се дојде до бројката од 8.000“, посочи премиерот.

Вакцинацијата во земјава почна во средата со првата пратка од 4.680 вакцини „Фајзер“ што ги добивме од Србија. Први се вакцинираат здравствените работници што работат во ковид-центрите.