Австрија очекува „широка поддршка“ за нови санкции на ЕУ против Русија поради затворањето на Навални

Австрискиот министер за надворешни работи Александер Шаленберг

Австрискиот министер за надворешни работи Александер Шаленберг очекува ЕУ да усвои нови санкции против Русија поради затворањето на опозицискиот политичар Алексеј Навални. Тоа може да се случи на утрешниот состанок на европските министри за надворешни работи, рече тој во интервју за германскиот весник Велт ам Зонтаг.

„Ќе разговараме за соодветна реакција за случајот Навални на Советот за надворешни работи“, вели Шаленберг.

Санкциите веројатно ќе вклучат таргетирани мерки против поединци и организации во рамки на новиот инструмент за санкции на Унијата за казнување на прекршителите на човековите права.

Шеленберг вели дека очекува „широка поддршка“ за санкциите меѓу 27-те членки на ЕУ, но додаде дека санкциите дека „треба да бидат политички паметни и законски“.

Шефот за надворешни работи на ЕУ, Жозеп Борел денеска на Твитер напиша дека на утрешниот состанок на Советот за надворешни работи ќе се разговара за „акциите на ЕУ“. Тој вели дека судовите во Русија продолжуваат да ја игнорираат пресудата на Европскиот суд за човекови права со која се бара руската влада да го ослободи Навални.

Судот во Москва на 20 февруари ја потврди затворската казна за Навални за проневера, но му ја намали казната за 50 дена. Подоцна, Навални беше парично казнет за наводна навреда на ветеран од Втората светска војна. Двете судења беа опишани како политички мотивирани.

Навални беше уапсен минатиот месец на враќање од Германија каде што се лекуваше од труењето со нервен агенс, за кое тој и неговите приврзаници велат дека е нарачано од рускиот претседател Владимир Путин.