За уште две седмици, до 8 март 2020 година, грчката Влада ја продолжи одлуката за ограничување на копнените граници и забраната за влез во Грција на државјани на трети земји, јави дописничката на МИА од Атина.
Станува збор за мерките што веќе 11 месеци се продолжуваат за да се ограничи ширењето на коровирусот.
За странските државјани за кои не постои забрана, дозволен е влез само преку Бугарија, односно преку граничниот премин Промахонас – Кулата и само со негативен молекуларен тест за ковид-19 направен 72 часа пред пристигнувањето, но и доколку добијат негативен резултат од рапид тестот направен на влезот во Грција.
Од останатите гранични премини што се отворени, односно Евзони - Богородица кон Македонија, Какавија кон Албанија и Кипи кон Турција, влезот во Грција е дозволен само за одредени категории и исто така со потврда за претходно направен негативен ПЦР тест и со негативен резултат од брзиот тест на самиот граничен премин направен од грчките власти.
Отворените гранични премини работат од 7 до 23 часот, а забраната за влез во земјата не важи за грчки државјани, за лица кои имаат дозвола за престој и лица кои живеат во Грција, за влез на лица со апсолутно неопходни професионални или медицински причини за кои имаат и потребни документи, за товарните камиони, како и за транзит на болнички возила кои од Косово преку Македонија влегуваат во Грција за хоспитализирање на пациенти кои припаѓаат на дипломатскиот, воениот или административниот персонал на земјите членки на ЕУ и EULEX на Косово.
Во однос на камионите за транспорт на стоки, отворени се седум гранични премини, четири со Бугарија, и по еден со Турција, Македонија и Албанија, а за возачите не важи задолжителната потврда за негативен ПЦР тест.
Исклучок, како и досега се државјаните на земјите членки на Европската унија и Шенген зоната и жителите на Австралија, Нов Зеланд, Руанда, Јужна Кореја, Тајланд, Сингапур, Велика Британија, Обединетите Арапски Емирати, Русија и Израел.
Исто така, исклучок се и одредени категории граѓани, како што се медицинскиот персонал и здравствените работници, оние кои имаат дозвола за престој во земја членка на ЕУ или земја од Шенген зоната, членови на владини мисии, дипломати, превозници, возачи на камиони што пренесуваат стоки, транзит патници, студенти, лица кои се грижат за стари лица и лица со инвалидитет, како сезонски земјоделски работници.
За сите оние за кои е дозволен влез во Грција, освен негативен ПЦР тест, потребно е да го имаат пополнето и специјалниот формулар PLF (Passenger Locator Form), а задолжителен е и седумдневен домашен карантин.
Претходната одлука беше од 8 до 22 февруари, а новата стапува во сила од утре во 6 часот.