Филипче бара опозицијата да го одблокира законот за нов клинички центар

Возила на брза помош во Клинички центар Скопје

Министерот за здравство Венко Филипче ја повикува опозицијата да го одблокира законот во Собрание со чие донесување ќе се овозможат активности за изградбата на новиот клинички центар планиран на локација во Ѓорче Петров.

Партиските разлики треба да се надминат кога станува збор за здравјето на граѓаните, порача Филипе преку отворено писмо.

„Жалам што со 2000 амандмани опозицијата го блокираше законот на Комисијата за здравство во Собранието. Од самиот почеток постапката за изградбата на Клинички центар е отворена и транспарентна“, вели Филипче во пишана изјава.

Две најреномирани европски компании аплицираа и се квалификуваа во втората фаза на конкурентниот дијалог – германската „Вамед“ (Vamed) и француската „Буиг констракшн“ (Bouygues construction). Едната компанија со одлична експертиза во делот на физичката градба и другата компанија во делот на опремувањето и ставањето во функција на новиот Клинички центар, вели министерот за здравство. Тој се надева дека пратениците од опозицијата ќе соберат храброст и ќе ги повлечат амандаманите.

„Тоа не се амандмани кои се конструктивни, тоа се амандмани кои се таму ставени само законот да не може да помине“, вели Филипче.

Од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека нема да го поддржат, како што наведуваат, контроверзниот закон за клинички центар.

„Зајакнувањето на капацитетите на здравствениот систем е приоритет за сите. Тоа зајакнување не треба да се изведе со нетранспарентен процес и закон од само 9 членови, кој не обезбедува никакви детали за тоа што ќе се добие на крајот од проектот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Нов клинички центар e партиско ветување пред секои избори.